Вистинска драма се одвивала на аеродромот во Сплит, откако авионот на „Ер Србија“ што требало да полета кон Белград бил евакуиран поради лажна тревога за бомба.
Според информациите од сплитско-далматинската полиција, 75-годишен патник околу 15:25 часот, додека се наоѓал во авионот пред полетувањето, му кажал на персоналот дека во леталото има бомба. Веднаш потоа рекол дека се шегувал.
Полицијата го уапсила мажот, а сите патници биле извадени од авионот. Следувал противексплозивен преглед на леталото, патниците и багажот.
По деталната проверка било утврдено дека во авионот нема експлозивна направа. Летот, кој првично бил закажан за 15:20 часот, конечно го напуштил аеродромот во Сплит во 18:40 часот и се упатил кон Белград.
Еден од патниците за хрватските медиуми раскажал дека во авионот ненадејно влегле повеќе полицајци и извеле постар маж кој седел во третиот или четвртиот ред. Патниците првично не знаеле што се случува, а потоа биле информирани дека леталото мора да биде испразнето и безбедносно проверено.
Над 75-годишникот се спроведува криминалистичка истрага поради сомнение за кривично дело лажна тревога.
„Слободна Далмација“ неофицијално објави дека уапсениот наводно е свештеник, но оваа информација засега не е официјално потврдена од полицијата.







