Илјадници демонстранти од различни делови на Албанија денеска се собраа во центарот на Тирана на масовен антивладин протест, организиран од главната опозициска сила – Демократската партија. Протестот се одржа на булеварот „Дешморет е Комбит“, каде што се наоѓа зградата на Владата, а атмосферата во текот на денот прерасна во сериозни тензии и инциденти.
Организаторите на протестот јавно побараа оставка од премиерот Еди Рама, како и од вицепремиерката и министерка за инфраструктура и енергетика Белинда Балуку, наведувајќи дека повод за протестите се, како што тврдат, бројни корупциски афери во врвот на власта.
Според обвинувањата на Демократската партија, Балуку е инволвирана во сериозни прекршувања на принципот на еднаквост во постапките за јавни набавки, тендери и аукции. Тие потенцираат дека токму поради овие сомнежи, Специјалното обвинителство за борба против корупцијата и организираниот криминал – СПАК, побарало од албанскиот парламент да ѝ биде одземен пратеничкиот имунитет, со цел да се овозможи нејзино приведување и понатамошна истрага.
Бериша со жестока порака: „Ќе ја спасиме Албанија“
На протестот се обрати и лидерот на Демократската партија, Сали Бериша, кој во говор пред насобраните порача дека опозицијата останува цврсто решена да ја продолжи борбата против, како што ја нарече, корумпираната власт.

Бериша истакна дека Демократската партија е подготвена да соработува со сите опозициски фактори, граѓани и политички субјекти, со цел создавање на најширок фронт што Албанија досега го видела. Тој нагласи дека исто како што, според неговите зборови, ја спасиле опозицијата во минатото, така сега имаат обврска да ја спасат и државата и да им обезбедат на граѓаните иднина каква што заслужуваат.

Ескалација по говорот – судири, молотови и пожар
По завршувањето на обраќањето на Бериша, ситуацијата на терен нагло се влоши. Дел од демонстрантите влегоа во судири со полициските сили задолжени за обезбедување, при што кон зградата на Владата беа фрлани молотови коктели.
Во еден момент, од надворешната страна на владината зграда избувна и краткотраен пожар, кој подоцна беше ставен под контрола. Во немирите имаше и повредени лица, иако официјалните бројки засега не се соопштени.

Од Демократската партија и другите опозициски субјекти најавија дека денешниот протест е само почеток и дека притисокот врз владата ќе продолжи со нови собири и протести во наредните недели, сè додека, како што велат, не бидат исполнети нивните барања за одговорност и политички промени.

















