Јавното обвинителство ги објави деталите од акцијата што беше спроведена рано утрово во соработка со МВР. Таа била насочена кон криминалната група „Беланоца-Барон“ каде биле извршени претреси на пет локации, биле приведени четири лица, додека во домот на еден од осомничените било пронајдено поголемо количество на марихуана.
Јавниот обвинител донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против четворицата приведени за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело Злосторничко здружување и кривично дело Убиство, а еден од осомничените сторил и кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
„Според обезбедените докази во текот на 2023 година осомничените станале припадници на група која дејствувала подолг временски период и имала за цел вршење на кривични дела Убиство од одмазда и по порачка за кое е пропишана затворска казна од најмалку десет години или доживотен затвор и други кривични дела. Тие прифаќајќи ги одлуките и насоките од организаторите на криминалната група, во континуитет преземале дејствија на обезбедување услови, отстранување пречки и ставање средства на располагање за извршување на порачките за лишување лица од живот. Така, тројца од осомничените во текот на месец јули 2023 година, на македонска и грчка територија, поттикнати и по порачка од претходно осомничен – организатор на групата, преземале дејствија на извидување на локација на оштетен и обезбедување средства за вршење на кривичното дело, при што во Грција бил лишен од живот припадник на спротивставената организирана криминална група Грчец. Во месец мај 2024 година, пред објект на т.н. пластичарска улица двајца осомничени извршиле убиство на едно лице, а при заминување од местото пукале во возило што било паркирано во непосредна близина при што повредиле други лица од кои едно лице починало“, се вели во соопштението на обвинителството.
Надлежниот јавен обвинител ценејќи дека се исполнети условите за тројца од осомничените до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје ќе поднесе предлог за определување на мерката притвор, додека за еден осомничен предлог за определување мерки на претпазливост.