Службите за итни случаи и полицијата интервенираа на аеродромот Хитроу во Лондон поради „сериозен инцидент“ кој се случи утрово.
Според локалните медиуми, неколку лица се повредени и се префрлени во болница. Лондонската полиција соопшти дека група мажи испрскале неколку лица со „некаков вид спреј со бибер“, по што го напуштиле местото на настанот. Едно лице е уапсено под сомнение за напад, а истрагата продолжува за пронаоѓање на останатите осомничени.
Полицијата и вооружените единици спровеле пребарување на паркингот на аеродромот. Полицискиот командант Питер Стивенс нагласи: „Во оваа фаза, веруваме дека во инцидентот учествувала група луѓе кои се познаваат, а расправијата ескалираше и резултираше со повреди на неколку лица. Не го третираме овој инцидент како тероризам.“
Инцидентот предизвика привремени прекини во работењето на метрото и железницата околу аеродромот.

















