Меѓународна полициска операција спроведена од германските власти и српското Министерство за внатрешни работи резултираше со голема заплена на кокаин и апсење на повеќе осомничени членови на организирана криминална група.
Истрагата започнала на почетокот на минатата година, кога германските служби при редовна контрола на возило откриле и одзеле 16,5 килограми кокаин. Тогаш биле приведени две лица, а собраните докази довеле до откривање на поширока криминална мрежа која делувала на територијата на Европската Унија.
Со понатамошната размена на информации меѓу истражителите од Германија и Србија биле идентификувани повеќе осомничени лица поврзани со трговија и транспорт на дрога. Во акција спроведена во германската покраина Северна Рајна-Вестфалија биле приведени неколку лица, а при претресите биле пронајдени дури 636 килограми кокаин, како и две огнени оружја.
Паралелно со активностите во Германија, истрагата се водела и во Србија, каде што досега се уапсени седум лица. При полициските претреси биле запленети и повеќе од 35 килограми наркотични средства.
Од надлежните институции посочуваат дека акцијата претставува значаен удар врз меѓународните канали за трговија со дрога и уште еден пример за успешна соработка меѓу безбедносните служби во регионот и Европа.
Истрагата продолжува со цел целосно да се открие структурата на криминалната мрежа и сите лица вклучени во нелегалните активности.









