Франција е потресена од скандал со кибер-безбедност: петнаесетгодишник е осомничен дека ја хакирал националната агенција за издавање лични карти (ANTS) и се обидел да ги продаде податоците на милиони граѓани на „dark web“.
Тинејџерот, кој користел прекар „breach3d“, бил приведен на 25 април и задржан во полициски притвор. Според истрагата, тој ставил на продажба меѓу 12 и 18 милиони редови украдени податоци – лични карти, пасоши, возачки дозволи и регистарски таблички.
ANTS потврди дека податоците се автентични и открила „невообичаени активности“ на својата мрежа уште на 13 април. Девет дена подоцна, агенцијата испратила предупредувачки имејл до милиони Французи, советувајќи ги да бидат претпазливи поради можни несакани повици или пораки и да не откриваат лични информации.
Кражбата на државни податоци носи казна до седум години затвор и парична казна од 300.000 евра. Истрагата отвори сериозни прашања за безбедноста на централизираниот систем во кој се чуваат сите лични информации на граѓаните.
Дополнителна загриженост предизвикува фактот што ANTS управува и со апликација за верификација на возраста, која треба да спречи пристап на деца под 15 години до социјалните мрежи.
Овој случај е аларм за Франција – дали државата може да ги заштити своите граѓани од кибер-напади кога дури и тинејџер успеал да пробие во системот?







