ПРВ.мк
Црна Хроника

ЧЕТИРИ ДЕНА СО СИЛНИ БОЛКИ, А НЕСОВЕСНО ЛЕКУВАНА: Петмина лекари од македонска болница обвинети по смртта на 40-годишна пациентка!

ЧЕТИРИ ДЕНА СО СИЛНИ БОЛКИ, А НЕСОВЕСНО ЛЕКУВАНА: Петмина лекари од македонска болница обвинети по смртта на 40-годишна пациентка!

Основното јавно обвинителство Битола поднесе обвинителен предлог против петмина лекари-интернисти од битолската клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“, поради сомнение дека со несовесно лекување придонеле за влошување на здравствената состојба на 40-годишна пациентка, која подоцна починала.

Обвинителството, по спроведена претходна постапка и обезбедени докази, ги товари лекарите за сторени тешки дела против здравјето на луѓето, согласно член 217 став 4 во врска со член 207 став 3 и став 1 од Кривичниот законик.

Според обвинението, петмината лекари во периодот од 28 мај до 4 јуни 2024 година, на Одделот за интерни болести во битолската болница, несовесно ја лекувале пациентката, при што дошло до сериозно влошување на нејзината состојба, кое на крајот резултирало со смртен исход.

Пациентката првично се јавила во болницата откако била прегледана и упатена од својот матичен лекар. Тој изразил сомнение дека се работи за воспаление на вените, односно тромбофлебитис.

Но, според обвинителството, по прегледот на Одделот за интерни болести, без да биде земена целосна анамнеза и без да бидат направени детални анализи, кај пациентката била поставена дијагноза ревматоиден артритис. Таа добила терапија и била пуштена на домашно лекување.

Со тоа, како што се наведува во обвинителниот предлог, не била навремено утврдена нејзината вистинска здравствена состојба. Не била откриена и дијагностицирана тромбозата, ниту пак навреме била преземена соодветна терапија за таквата состојба.

Обвинителството оценува дека на тој начин била пропуштена реална можност тромботичниот процес навреме да биде откриен и лекуван, со цел да се спречи или ограничи неговото напредување и последователното влошување на здравствената состојба на пациентката.

Повторно побарала помош, но следеле уште четири критични дена

На 1 јуни 2024 година, пациентката повторно се јавила во болницата. Овојпат имала силни болки во стомакот и значително влошена општа состојба.

Таа била хоспитализирана, но според обвинението, во следните четири дена, и покрај абнормалните резултати од лабораториските и биохемиските анализи, ниту еден од дежурните лекари не презел дополнителни дијагностички испитувања за да се утврдат причините за нејзината состојба и да се одреди соодветно лекување.

Во тој период нејзината здравствена состојба продолжила значително да се влошува.

Попладнето на 4 јуни, пациентката побарала медицинска помош во приватна клиника во Скопје, каде што била примена во тешка општа состојба.

При итно извршениот хируршки зафат, лекарите констатирале тромбоза на горната и долната мезентерична артерија, проследена со целосна гангрена на тенкото и дебелото црево.

Состојбата во тој момент веќе била неоперабилна.

Следниот ден, на 5 јуни 2024 година, 40-годишната пациентка починала.

Сега петмина лекари-интернисти од битолската клиничка болница се соочуваат со обвинение за тешки дела против здравјето на луѓето, а случајот ќе продолжи низ судска постапка.