ПРВ.мк
Црна Хроника

ДРАМА ВО ВЕЛЕС: Пламен проголта дел од семеен дом - брза реакција спречи трагедија!

ДРАМА ВО ВЕЛЕС: Пламен проголта дел од семеен дом - брза реакција спречи трагедија!

Во доцните ноќни часови, само 25 минути пред полноќ, избувна пожар во куќа на улица „Страшо Пинџур“ број 9 во Велес, што за кратко време прерасна во сериозен инцидент во самиот центар на градот.

На местото на настанот интервенирала Територијалната противпожарна единица од Велес со две противпожарни возила и седум пожарникари-спасители. Според нивното соопштение, по пристигнувањето затекнале пожар во развиена фаза, но благодарение на брзата реакција, огнот бил ставен под контрола и целосно изгаснат. За среќа, во интервенцијата нема повредени лица.

Утрово, по завршениот увид од страна на СВР Велес, станало јасно дека долниот кат од куќата е целосно уништен, заедно со мебел, дограма и целата покуќнина. Иако објектот се наоѓа во густо населен дел, спроти плоштадот „Саармаале“, брзата интервенција спречила огнот да се прошири на соседните куќи.

Сопственикот Митко Ј. изјавил дека куќата не се користела за живеење, бидејќи била подготвена за продажба и евентуална изградба на нов објект. Тој тврди дека постојат индиции дека пожарот бил подметнат од пред влезната врата и изрази сомнеж дека во инцидентот можеби се вмешани лица со проблематично однесување.

Надлежните служби продолжуваат со истрагата за целосно расчистување на случајот и утврдување на причините за пожарот.