Педесет и тригодишен возач на автобус е приведен под сомнение дека предизвикал тешка сообраќајна несреќа на автопатот Нови Сад–Суботица, во која животот го загубил 36-годишен државјанин на Полска.
Според информациите од српското Министерство за внатрешни работи, несреќата се случила во текот на ноќта кога автобусот налетал на пешак кој се наоѓал на автопатот. Наместо да застане и да му укаже помош, возачот продолжил да се движи кон Суботица.
Пешакот починал на самото место како последица на тешките повреди, додека полицијата за кратко време го пронашла и го лишила од слобода осомничениот возач.
Против него е поведена постапка поради сомнение за тешко дело против безбедноста на јавниот сообраќај, како и за неукажување помош на повредено лице по сообраќајна несреќа. Одредена му е мерка задржување до 48 часа, по што ќе биде изведен пред надлежниот јавен обвинител.
Надлежните институции продолжуваат со истрагата за да ги утврдат сите околности под кои се случила трагичната несреќа.









