Продолжува загриженоста во Гостивар поради големиот број граѓани со стомачни тегоби, додека институциите сè уште ги очекуваат резултатите од лабораториските анализи што треба да ја утврдат причината за појавата.
Според официјалните информации, околу 1.200 лица, меѓу кои и деца, побарале лекарска помош во Општата болница во Гостивар. Сепак, на социјалните мрежи бројни жители тврдат дека реалниот број на заболени е значително поголем и дека речиси секое семејство има барем еден член со симптоми на стомачна инфекција.
Во меѓувреме, надлежните институции воведоа забрана за користење на водата од градскиот водовод за пиење и подготовка на храна, која ќе остане во сила сè додека не пристигнат резултатите од испитувањата.
Од друга страна, градоначалникот на Гостивар и директорката на јавното комунално претпријатие изјавија дека засега нема официјална потврда дека водата е причината за појавата на стомачните инфекции.
Различните информации дополнително ја зголемуваат неизвесноста кај граѓаните, кои бараат побрза и потранспарентна комуникација од институциите.
До објавување на официјалните резултати, препораката останува жителите да не ја користат водата од градскиот водовод за пиење и подготовка на храна и да ги следат исклучиво насоките на надлежните здравствени институции.








