Светската здравствена организација (СЗО) презема итни мерки по појавата на хантавирус на крузерот „MV Hondius“, кој плови по Атлантикот. Три лица починаа, едно е во критична состојба, а патниците се блокирани на море кај Зеленортските Острови без дозвола за искрстување.
Регионалниот директор на СЗО за Европа, Ханс Клуге, изјави дека се работи на обезбедување медицинска помош, евакуација и проценка на ризикот. Еден 69-годишен британски патник е префрлен на интензивна нега во Јоханесбург.
Иако вирусот не се пренесува лесно од човек на човек, СЗО препорачува патниците да носат маски, да одржуваат дистанца и да ги ограничат контактите. Хантавирусот најчесто се пренесува преку глодари, а може да предизвика две опасни заболувања:
- Хантавирусен пулмонален синдром (HPS) – со висока смртност и тешки респираторни проблеми.
- Хеморагична треска со бубрежен синдром (HFRS) – која ги напаѓа бубрезите и може да доведе до внатрешно крварење и акутно откажување.
Експертите нагласуваат дека појавата на хантавирус на крузер е исклучително ретка. Се разгледуваат две можни теории: контаминација од глодари на бродот или внесување на „Андска варијанта“ од патник, која има потенцијал за пренос меѓу луѓе.
Бидејќи Зеленортските Острови не дозволија искрстување, „MV Hondius“ најверојатно ќе продолжи кон Канарските Острови, каде патниците се надеваат на помош и можност да го напуштат бродот.






