Пилот на ултралесен авион загина во Рио де Жанеиро кога леталото со кое управувал се урна во морето покрај плажата Копакабана. Несреќата се случила околу 12:30 часот по локално време, а телото на пилотот е пренесено во Институтот за судска медицина за официјална идентификација.
Спасувачките екипи веднаш излегле на терен и го пребаруваат делот од Атлантскиот Океан каде што паднал авионот. Во потрагата се користат водени скутери, гумени чамци, нуркачи, воздушна поддршка и сонарна опрема за да се пронајдат евентуални остатоци од леталото.
Видео-снимки од безбедносни камери го прикажуваат моментот кога авионот со предниот дел се забива во водата, веднаш до плажата која во тоа време била посетена од многу луѓе.
Бразилското воено воздухопловство отвори истрага за утврдување на причините за несреќата. Леталото, модел „Цесна 170 А“, било во сопственост на рекламна компанија и ангажирано за воздушно рекламирање над туристичката зона.
















