Голем пожар избувна во близина на Штип, при што огнената линија се доближи до првите куќи и продолжува да се движи кон подрачјето на Исарот.
Според информациите од Дирекцијата за заштита и спасување, во гаснењето е ангажиран и еден од авионите „ер трактор“, кој е испратен за да им помогне на екипите што се борат со огнената стихија.
Пожарот најпрво бил забележан над регионалниот пат Штип–Пробиштип, а потоа се проширил на подрачјето меѓу селата Бучиште, Неокази и Петршино.
Во селото Бучиште пожарот е ставен под контрола, но во огнената стихија целосно изгорела една куќа. Во меѓувреме, дел од пожарот продолжува да се движи кон селото Ратавица, каде надлежните служби вложуваат напори да го спречат неговото понатамошно ширење.
Пожарникарските екипи и останатите служби остануваат на терен, а состојбата внимателно се следи со цел да се заштитат населението и имотот во загрозените подрачја.







