ПРВ.мк
Црна Хроника

Огнена стихија кај Бајково: Се брани црквата од пламените јазици

Огнена стихија кај Бајково: Се брани црквата од пламените јазици

Голем шумски пожар избувна денеска околу 16:30 часот во атарот на селото Бајково, во општина Ново Село, на падините на планината Огражден. Поради силното ширење на огнот, во опасност се најде црквата „Св. Петар и Павле“, кон која се движат пламените јазици.

На терен веднаш интервенирале екипи на Територијалната противпожарна единица од Струмица, заедно со доброволците од Доброволното противпожарно друштво „Рис“, кои се обидуваат да го стават пожарот под контрола.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, информираше дека поради сериозноста на ситуацијата и заканата за верскиот објект, во секој момент се очекува да полетаат два ер-трактори на Дирекцијата, кои ќе се вклучат во гаснењето од воздух.

Во одбраната на црквата активно се вклучиле и мештаните од Бајково, кои заедно со пожарникарите прават напори огнот да не стигне до храмот.

Надлежните остануваат на терен, а воздушната поддршка треба да помогне пожарот да се локализира и да се спречи неговото понатамошно ширење кон црквата и околните подрачја.