Сериозен инцидент се случил за време на гаснењето на пожарот во струшкото село Долна Белица, откако огнот зафатил противпожарно возило на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Струга и предизвикал значителна материјална штета.
Во моментот кога пожарникарите интервенирале на терен, огнот го зафатил возилото, при што била создадена дополнително опасна ситуација за екипата. Според информациите, бил избегнат уште посериозен инцидент.
Во настанот биле повредени двајца пожарникари, кои веднаш биле пренесени во болница каде им била укажана лекарска помош.
Повредените пожарникари денеска ги посетил и градоначалникот на Струга, Менди Ќура, кој им посакал брзо и успешно закрепнување.

Иако противпожарното возило претрпело сериозни оштетувања, како што беше посочено, најважно е што инцидентот не резултирал со потешки последици по животот и здравјето на пожарникарите.
Противпожарните екипи и понатаму се на терен и продолжуваат со активностите за ставање под контрола на пожарите и заштита на населението и имотите во погоденото подрачје.









