Шеесет и седумгодишен жител на Тетово пријавил во полиција дека станал жртва на измама, откако во текот на изминатите три месеци во неколку наврати ѝ позајмил вкупно 3.400 евра на жена која лажно се претставувала како универзитетска професорка.
Според информациите од СВР Тетово, жената му раскажала дека нејзината ќерка доживеала тешка сообраќајна несреќа во Франција и дека итно ѝ се потребни пари за лекување и медицински трошоци. Верувајќи дека помага во спасување на човечки живот, тетовецот во повеќе наврати ѝ давал пари.
По извесно време, тој сфатил дека приказната не е вистинита и дека бил измамен, по што на 26 јуни случајот го пријавил во полиција.
Од полицијата информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот и утврдување на сите околности, како и за евентуална кривична одговорност на лицето осомничено за измамата.
Надлежните повторно апелираат граѓаните да бидат внимателни кога им се бараат пари под изговор на итни здравствени или семејни ситуации и секогаш да ги проверат информациите пред да дадат финансиска помош.








