Дваесет и едногодишниот Д.Ж. од селото Грабовница кај Куршумлија, кој во мај доживеа тешка несреќа при работа на нива, е пуштен на домашно лекување, но лекарите не успеале да му ја спасат раката.
Несреќата се случила на 15 мај, кога при работа со машина за балирање сено, неговата рака била вовлечена во механизмот и отсечена до рамото.
Според информациите од Универзитетскиот клинички центар во Ниш, веднаш по приемот бил извршен оперативен зафат, а мултидисциплинарен тим лекари се обидел да ги спои тетивите и да ја фиксира раката.
„И покрај максималните напори на лекарскиот тим, раката не можеше да биде спасена“, соопштиле од болницата.
По несреќата, животот на младиот човек бил сериозно загрозен и извесен период поминал на Одделот за интензивна нега.
Според српските медиуми, тој останал присебен и веднаш по несреќата, со помош на сосед, ја извадил отсечената рака од машината, ја зел со себе и ја превил раната со пешкир. Потоа неговата мајка го однела во Домот на здравје во Куршумлија, од каде што итно бил префрлен во болницата во Прокупље, а потоа и во Универзитетскиот клинички центар во Ниш.
По успешно завршеното лекување, младиот човек е отпуштен од болница со препишана терапија и ќе го продолжи закрепнувањето во домашни услови.








