Полицијата уапсила 48-годишен маж од Велес, со иницијали Џ.Б., осомничен за семејно насилство врз сопругата и малолетната ќерка, по брза и координирана интервенција на полициските службеници.
Според Министерството за внатрешни работи, случајот бил пријавен на 29 мај околу 11:40 часот во СВР Скопје од страна на очевидец, кој пријавил дека маж на подрачјето на Општина Центар физички ја нападнал својата сопруга. По пријавата веднаш биле преземени мерки за негово пронаоѓање и заштита на жртвата.
По полициските проверки било утврдено дека станува збор за лица од Велес, по што во акцијата се вклучиле и екипи од СВР Велес.
Подоцна, откако Џ.Б. (48) заедно со неговата 43-годишна сопруга се вратиле во семејниот дом, тој повторно извршил физички напад врз сопругата и нивната малолетна ќерка, при што им упатувал закани со остар предмет.
Полицијата реагирала брзо и осомничениот бил лишен од слобода истиот ден во 21 часот. Острото средство било пронајдено и одземено, а лицето е задржано во полициска станица.
За случајот биле известени јавен обвинител и Центарот за социјални работи во Велес, а по целосно документирање ќе биде поднесена соодветна кривична пријава против Џ.Б.
Од МВР упатуваат апел граѓаните веднаш да пријавуваат случаи на семејно насилство со цел навремена реакција и заштита на жртвите.







