Во истрагата за бруталното убиство на 25-годишниот Казбек Ибраимович Абдулаев од Дагестан, кој беше пронајден мртов во селото Шекулар кај Беране, црногорската полиција дојде до клучен пробив. Според официјални информации, сторителот е негов сонародник, со кој жртвата работела во приватен хотел во истото село.
Истрагата покажала дека убиството било внимателно прикривано. По злосторството, осомничениот отишол кај сопственикот на хотелот и излажал дека Абдулаев заминал и повеќе не сака да работи, по што исчезнал без трага.
Полицијата соопштува дека случајот подолго време бил во фаза на детална форензичка обработка. Клучен доказ за разрешување на случајот биле ДНК траги пронајдени на местото на злосторството, кои недвосмислено го поврзуваат осомничениот со убиството.
Телото на младата жртва било пронајдено на 26 декември 2025 година во вреќа покрај малата река во Шекулар. Првично мештаните не ни претпоставувале дека станува збор за кривично дело, сè додека не забележале човечки екстремитети, по што веднаш била повикана полиција.
На местото биле забележани и врзани раце на жртвата, што укажувало на насилна смрт и однапред планирано злосторство. Форензичките екипи подолг период го анализирале местото на настанот, по што биле обезбедени докази кои ја потврдиле насилната смрт и идентитетот на убиецот.
Според полициски извори, осомничениот по извршувањето на убиството веднаш го напуштил местото и се наоѓа во бегство. Сега случајот е предаден на надлежното Вишо државно обвинителство, кое ќе одлучува за понатамошните чекори, вклучително и можноста за меѓународна истрага.










