Сериозен случај на мобинг ја потресе Шпаркасе банка АД Скопје. Вработена пријавила дека била изложена на психичко малтретирање од претпоставен директор токму во период кога минувала низ процес на инвитро.
Државниот трудов инспекторат изрекол опомена за банката поради непочитување на Законот за заштита од вознемирување на работното место. Според решението, вработената уште на 28 јули 2025 година поднела писмено барање за заштита, наведувајќи дека од октомври 2024 година трпи континуирано вознемирување. По инспекцискиот увид во август, банката била задолжена да постапи по наодите и да ја премести вработената.
И покрај сериозноста на случајот, од институцијата не е јасно дали се преземени конкретни дисциплински мерки против директорот или дали е утврдена одговорност во секторот за човечки ресурси. Во писмен одговор до „Инбокс7“, банката тврди дека постапува во согласност со законите и највисоките професионални стандарди, но не дава конкретни детали за санкции.
Редакцијата упатила дополнителни прашања за евентуална внатрешна истрага и за поплаките од граѓаните за квалитетот на услугите, но и по 20 дена одговор не е добиен.
Недостигот на транспарентност, во комбинација со изречената опомена, повторно го отвора прашањето за ефективната заштита на работничките права. Во време кога се одбележува Денот на трудот, случајот е потсетник дека правата мора да се гарантираат во пракса, а не само на хартија.






