ПРВ.мк
Црна Хроника

ПРЕСУДАТА ПРИСТИГНА: 18 години затвор по хоророт што ја потресе Македонија

ПРЕСУДАТА ПРИСТИГНА: 18 години затвор по хоророт што ја потресе Македонија

Основниот суд во Гевгелија донесе првостепена пресуда со која 56-годишен жител на дојранското село Сретеново е осуден на 18 години затвор поради кривично дело „убиство на свиреп начин“. Судот одлучи обвинетиот да остане во притвор сè до правосилноста на пресудата.

Според утврдените факти во судската постапка, трагичниот настан се случил на 1 ноември минатата година во близина на угостителски објект во Сретеново. Обвинетиот и жртвата, кои претходно биле пријатели, заедно поминувале време и консумирале алкохол, но ситуацијата прераснала во жестока расправија која завршила со брутално физичко насилство.

Обвинителството докажа дека нападот започнал со удирање со тупаници и клоци, а потоа продолжил со метална шипка. Насилството, според наводите, траело речиси половина час, при што жртвата се здобила со повеќе тешки повреди, меѓу кои скршеници на екстремитетите и черепот, како и обилно крварење.

По нападот, обвинетиот го напуштил местото на настанот, оставајќи го повредениот без никаква помош. Подоцна, случајни минувачи го забележале повредениот маж и веднаш повикале Итна медицинска помош. Тој бил пренесен во Медицинскиот центар во Гевгелија, но и покрај напорите на лекарите, им подлегнал на здобиените повреди.

Со донесената првостепена пресуда, судот го прогласи обвинетиот за виновен за убиство извршено на свиреп начин. Постапката сè уште не е завршена, бидејќи пресудата не е правосилна и може да биде предмет на жалбена постапка пред повисок суд.