Државјанин на Палестина е уапсен во Белград по инцидент во хотел на Скадарска улица, под сомнение дека физички нападнал вработена на рецепцијата и упатувал закани кон неа и кон полициските службеници.
Според информациите што ги пренесуваат српските медиуми, инцидентот се случил околу 21:30 часот. Сведоци навеле дека 32-годишната рецепционерка викала и барала помош, по што полицијата пристигнала во хотелот.
Полициските службеници зад рецепцискиот пулт го затекнале 32-годишниот А.А.А.С., државјанин на Палестина, кој разговарал со вработената со повишен тон.
Според првичните информации, сè започнало откако мажот побарал соба во хотелот. Рецепционерката го зела неговиот пасош за да направи копија за хотелската документација, а откако му го вратила, тој наводно ја обвинил дека од документот му го „избришала“ влезниот печат од аеродромот.
Како што се наведува, мажот пред полицајците тврдел и дека се сомнева оти вработената работи за израелската разузнавачка служба Мосад и дека таа служба наводно го следи.
Според сомненијата, тој потоа влегол зад рецепцијата, ѝ ги зел телефоните на вработената и почнал да вика, а потоа физички ја нападнал – ја влечел за рака и ја фатил за врат.
Се сомничи и дека упатувал закани дека ќе ја убие неа, како и полицајците кои ќе пристигнат во хотелот.
Полицијата го совладала и го привела, а тој е уапсен под сомнение за сторено кривично дело загрозување на сигурноста.
Истрагата продолжува и треба да ги утврди сите околности околу инцидентот.







