ПРВ.мк
Црна Хроника

НЕМА КРАЈ НА СЕМЕЈНОТО НАСИЛСТВО: Полицијата со полни раце работа - ова е бројот на приведени лица за 24 часа!

НЕМА КРАЈ НА СЕМЕЈНОТО НАСИЛСТВО: Полицијата со полни раце работа - ова е бројот на приведени лица за 24 часа!

Во изминатите 24 часа полицијата регистрирала девет случаи на семејно насилство низ Македонија, при што шест лица биле лишени од слобода, информира Министерството за внатрешни работи.

Во Кавадарци, полициски службеници ја привеле 37-годишната жена, која според пријавата физички ја нападнала својата 57-годишна мајка и ѝ упатувала закани. При алкотестирање кај неа биле измерени 1,02 промили алкохол во крвта.

Во Куманово бил приведен 71-годишен маж, осомничен дека физички ја нападнал својата 50-годишна сопруга, додека во Дебар полицијата лишила од слобода 58-годишен маж поради агресивно однесување кон неговата мајка.

Во Штип бил приведен 30-годишен маж, осомничен дека физички ја нападнал својата 24-годишна партнерка, а во Пехчево полицијата го лишила од слобода 50-годишник кој, според пријавата, ја нападнал сопругата и ѝ упатувал закани.

Во Скопје, на подрачјето на општина Центар, бил приведен 42-годишен маж поради упатување закани кон неговиот 63-годишен чичко и членовите на неговото семејство.

Покрај шесте приведени лица, полицијата постапува и по уште три пријави за семејно насилство.

Во Ранковце било пријавено дека маж физички ја нападнал својата мајка. Во скопската општина Аеродром, 40-годишен маж пријавил дека бил повреден од сопругата со остар предмет. Дополнително, на „Јадранска магистрала“ во Скопје, партнери меѓусебно се пријавиле за физички напад.

Од МВР информираат дека по целосното документирање на сите случаи ќе бидат поднесени соодветни пријави против лицата за кои ќе биде утврдена одговорност.