ПРВ.мк
Црна Хроника

Морничав случај: Позната манекенка пронајдена мртва

Морничав случај: Позната манекенка пронајдена мртва

Колумбиската полиција покрена истрага за можно убиство откако телото на 36-годишната манекенка Наталија Виљалба Ангарита беше пронајдено во куфер во изнајмен стан во главниот град Богота.

Морничавото откритие го направиле чистачки, кои влегле во станот на седмиот кат од зградата по пријава за постојано течење вода. Во бањата пронашле голем куфер во кој се наоѓало телото на манекенката.

На местото биле пронајдени нејзините лични работи, меѓу кои и два пасоша – еден со истечен рок и еден важечки, со печати кои покажуваат неодамнешно патување во Шпанија.

Истрагата е насочена кон британски државјанин, кој според снимките од безбедносните камери влегол во зградата на 17 јуни, а ја напуштил следниот ден. Камерите го снимиле и како носи постелнина кон просторијата за перење. Полицијата соопшти дека во првите денови од престојот во станот присутен бил и американски државјанин од Тексас.

Истражителите анализираат ДНК-траги, снимки од видеонадзор, отпечатоци и други форензички докази за да ги реконструираат последните часови од животот на манекенката. Засега нема уапсени, а мотивот за злосторството сè уште не е познат.

Случајот потсети на убиството на диџејката Валентина Треспаласиос во 2023 година, чие тело исто така беше пронајдено во куфер. За тоа убиство американски државјанин беше осуден на повеќе од 42 години затвор.