Вистинска спасувачка акција беше организирана на планината Бистрица на Шар Планина, откако преку Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 била пријавена група планинари заглавена на непристапен терен.
Пријавата во Регионалниот центар за управување со кризи (РЦУК) Тетово била примена во 18:46 часот, кога едно од лицата побарало итна помош поради сериозни здравствени тегоби.
Според информациите, станувало збор за тројца планинари, при што едно лице почувствувало болки во градите, отежнато дишење и тешкотии при движењето. Иако никој од нив не бил повреден, поради здравствената состојба и непристапниот терен било неопходно да се организира спасувачка акција.
До нивната локација не можело да се пристапи со теренско возило, туку само пеш, за што биле потребни најмалку три до четири часа движење.
По приемот на пријавата, Центарот за управување со кризи преку РЦУК Тетово веднаш воспоставил координација со СВР Тетово, Итната медицинска помош, Дирекцијата за заштита и спасување – Тетово и Националниот парк „Шар Планина“, со цел безбедна евакуација на планинарите.
Во акцијата бил вклучен и алпинист-спасител од Тимот за брза интервенција и спасување во планина, кој веднаш се упатил кон местото каде што се наоѓала групата. За време на целата интервенција, Центарот за управување со кризи одржувал постојана комуникација со планинарите и ги координирал активностите на сите надлежни служби.
По пристигнувањето на спасителот, во консултација со тимот на Итната медицинска помош била направена проценка на здравствената состојба на лицето. Било утврдено дека, со придружба на спасителот, може безбедно да се спушти до пристапна локација.
На договорената безбедна точка планинарите ги пречекале полициски службеници и екипа на Итната медицинска помош, по што биле транспортирани во Клиничката болница во Тетово на дополнителни лекарски прегледи.
Подоцна, од Полициската станица Теарце информирале дека планинарите безбедно пристигнале во селото Лешок, каде што медицински тим му укажал прва помош на лицето поради чии здравствени тегоби била организирана целата акција.
По извршените прегледи било утврдено дека никој од планинарите не се здобил со повреди, а по добиената медицинска помош сите биле пуштени на домашно лекување.










