Грчките власти уапсија 37-годишен маж на островот Крит под сомнение за поврзаност со терористички активности, по истрага што открила можни врски со лица приведени на Кипар поради наводно планирање напади врз цели поврзани со Израел.
Осомничениот, кој потекнува од Појасот Газа, бил приведен во градот Агиос Николаос на североистокот од Крит. Според информациите, тој легално престојувал и работел во Грција како сезонски работник во хотелскиот сектор.
Во својата првична изјава пред истражителите, наводно признал дека е член на Хамас и дека бил во контакт со осомничените кои се наоѓаат во притвор на Кипар. Исто така изјавил дека сè уште не изработил експлозивна направа, но преку интернет нарачал материјали што можеле да се искористат за таа цел.
При претрес на неговиот стан во атинската населба Патисија, полицијата пронашла прецизна вага и стаклен сад за мерење, кои биле неодамна купени и сè уште се наоѓале во оригиналното пакување.
Грчките безбедносни служби соопштија дека анализата на мобилни телефони и лаптоп довела до поврзување на осомничениот со лицата приведени на Кипар. Тој подолг период бил под надзор пред да биде приведен.
Според истрагата, осомничениот претходно престојувал во Малезија, каде што наводно посетувал обука за изработка на експлозивни направи. Тој живее во Појасот Газа со сопругата и трите деца.
Истражителите наведуваат дека за време на работата во хотелот не покажувал сомнително однесување и дека во моментот на апсењето немал непосредна можност да изврши напад. Сепак, безбедносните служби процениле дека постоел ризик во блиска иднина да се обиде да реализира напад на Крит или на друга локација во Грција.
Во меѓувреме, кипарските власти соопштија дека лицата кои се наоѓаат во притвор на островот наводно подготвувале напади врз интереси поврзани со Израел во Кипар и во други земји од Европската Унија.
Истрагата за случајот продолжува.






