Шпанските власти отворија широка истрага за потеклото на неодамнешната епидемија на африканска свинска треска во Каталонија, откако стана јасно дека вирусот што ги заразил дивите свињи околу Барселона не одговара на познатите соеви што циркулираат во ЕУ. Досега се потврдени 13 случаи кај мртви диви свињи, што ја разгоре загриженоста поради огромната економска закана за индустријата за свинско месо вредна 8,8 милијарди евра годишно, објавува „Гардијан“.
Иако првично се сметаше дека заразата дошла по класичен пат – дива свиња јадела контаминирана храна, можеби дури фрлен сендвич – истрагата доби драматичен пресврт. Министрството за земјоделство објави дека изолираниот сој е генетски сличен на варијанта откриена во Грузија во 2007 година, а не на европските соеви.
Овој податок отвори сосема нова можност: вирусот можеби потекнува од истражувачка лабораторија.
Министерството појаснува дека „Грузија 2007“ е референтен сој што често се користи во лабораториски услови за експерименти и развој на вакцини – што значи дека присуството на токму овој сој во дивината не може да се игнорира.
Каталонскиот регионален претседател Салвадор Иља нареди итна ревизија на пет лаборатории што работат со вирусот, сите во радиус од 20 километри од местото каде што беа пронајдени заразените животни.
„Не исклучуваме никаква можност“, изјави Иља. „Сите хипотези се отворени додека не утврдиме што точно се случило.“
Досегашните проверки покажуваат дека:
– потврдени се 13 заразени диви свињи – анализирани се уште 37 трупови, сите негативни – проверени се 39 фарми во околината, без пронајдени знаци на болеста – повеќе од 100 припадници на воената единица за итни случаи се распоредени на терен
Африканската свинска треска не е опасна за луѓето, но за свињите е исклучително смртоносна. Шпанија, како најголем производител на свинско месо во ЕУ, има огромни економски интереси да ја запре епидемијата што побрзо. Само во 2021 година, во земјата биле заклани 58 милиони свињи, бројка што го покажува размерот на индустријата која би можела да биде сериозно загрозена.
Истрагата продолжува, а властите најавуваат дека ќе следи темелна анализа на секој можен извор на инфекцијата.

















