ПРВ.мк
Црна Хроника

Македонски државјанин го признал убиството на исчезнатата 45-годишна жена на Крит

Македонски државјанин го признал убиството на исчезнатата 45-годишна жена на Крит

Македонски државјанин е осомничен за убиството на 45-годишна жена која исчезна пред три недели на грчкиот остров Крит, а според грчките медиуми, тој за време на полициското испрашување го признал злосторството и го открил местото каде што го закопал телото.

Жртвата, 45-годишната Ставрула Левендаки од селото Агиа кај Ханија, исчезна на 30 мај, по што беше активирана потрага низ цела Грција. Нејзиното тело било пронајдено утрово, откако осомничениот им ја покажал локацијата на полицајците.

Според информациите, станува збор за 43-годишен македонски државјанин, кој со години живеел и работел на Крит како потстанар во куќата на жената. Тој уште од почетокот бил во фокусот на истрагата, бидејќи бил последниот што ја видел исчезнатата. Во првите искази категорично негирал каква било поврзаност со случајот.

Во меѓувреме, тој бил уапсен поради поседување и одгледување дрога, а за време на испрашувањето во полициската станица, според грчките медиуми, признал дека ја убил сопственичката на станот. Како причина, наводно, навел расправија поврзана со состојбата на станот.

Истрагата открила и траги од крв во станот и во едно од неговите возила, иако, според полицијата, тие биле темелно исчистени. Осомничениот, наводно, немал претходно криминално досие.

Случајот предизвика огромно внимание во Грција, бидејќи осомничениот не само што ја негирал вмешаноста, туку во текот на истрагата давал и изјави за медиумите, тврдејќи дека нема никаква врска со исчезнувањето на жената и префрлајќи ја вината на други лица.

Грчките власти продолжуваат со истрагата за целосно расветлување на случајот.