Тројца малолетници се осудени во Англија за силување на две девојчиња во два одделни случаи што се случиле во Фордингбриџ, објави Sky News.
Првиот напад се случил на 26 ноември 2024 година, а вториот на 17 јануари 2025 година.
Двајца 15-годишници добиле тригодишна мерка за рехабилитација на малолетници со 180 дена интензивен надзор поради силување и поседување непристојни снимки. Судот бил информиран дека и двајцата имаат дијагностициран ADHD, а кај едниот било утврдено и долготрајно анксиозно растројство.
Третиот обвинет, 14-годишник, добил 18-месечна рехабилитациска мерка поради поттикнување на силување и кривично дело поврзано со непристојни снимки. Тој бил опишан како лице со благо когнитивно оштетување.
Судијата Николас Роуланд изјавил дека мора да се земе предвид фактот дека обвинетите се малолетници, но и да се спречи повторување на вакви сериозни дела во иднина.
Една од жртвите, која во моментот на нападот имала 15 години, присуствувала на изрекувањето на пресудата и прочитала изјава за последиците што ги оставил нападот врз неа.
„Никој не заслужува траума од силување“, изјавила девојката, додавајќи дека по нападот повеќе не се чувствува безбедно и дека ја изгубила невиноста и довербата.
Втората жртва, која имала 14 години, во својата изјава навела дека поради траумата тешко посетува настава, има ноќни кошмари и се чувствува несигурно во сопственото тело.
Според обвинителството, едно од девојчињата било „заробено и преплашено“ додека двајцата обвинети ја силувале и го снимале нападот. Подоцна, снимките биле споделувани, а жртвата била исмејувана и навредувана на социјалните мрежи. објави Скопје1.мк








