ПРВ.мк
Црна Хроника

ЦРНОГОРСКАТА ПОЛИЦИЈА ГО ПРИВЕДЕ 19-ГОДИШЕН МАКЕДОНЕЦ – Се барал со меѓународна потерница

ЦРНОГОРСКАТА ПОЛИЦИЈА ГО ПРИВЕДЕ 19-ГОДИШЕН МАКЕДОНЕЦ – Се барал со меѓународна потерница

Црногорската полиција уапсила 19-годишен државјанин на Македонија, кој бил баран со меѓународна потерница под сомнение дека извршил обид за убиство на лице кое, според безбедносните служби, е поврзано со Шкаљарскиот клан.

Според полицијата, Александар Танасковски бил пронајден и приведен во стан во населбата Видрован во Никшиќ. Во истата акција бил уапсен и 34-годишниот Нено Марковиќ од Никшиќ, кој е осомничен дека му обезбедувал засолниште и му помагал да се крие.

Истрагата се однесува на напад што се случил на 7 август 2025 година во комплексот на хотелот „Маестрал“ во Будва. Според сомневањата на истражните органи, цел на нападот бил Марко Љубиша-Кан, кого безбедносните служби го поврзуваат со Шкаљарскиот клан.

Полицијата наведува дека осомничениот наводно испукал два куршума кон оштетениот, кој притоа се здобил со повреди во пределот на главата.

Покрај сомнението за обид за убиство, против 19-годишниот македонски државјанин се води постапка и за недозволено носење оружје и фалсификување исправа. Според истрагата, при подготовката на нападот била користена фалсификувана лична карта на име на лице од Србија, со која осомничениот наводно бил пријавен во хотел во близина на местото на нападот.

Од црногорската полиција соопштија дека истрагата продолжува и дека против двајцата осомничени ќе бидат преземени понатамошни законски мерки.