Индиски борбен авион Тејас (Tejas), произведен во Индија, се урна денеска на аеромитинг во Дубаи, при што пилотот го загуби животот, соопштија Индиските воздухопловни сили (ИАФ).
Несреќата се случила околу 14:15 часот по локално време, додека ловецот изведувал лет на мала височина. По ударот, авионот експлодирал, а од снимките од местото на настанот се гледа црн чад како се издига зад оградената писта.
ИАФ формирала истражна комисија за да ги утврди причините за несреќата. Ова е втора позната несреќа со борбениот авион Тејас, кој користи мотори на General Electric и е клучен за напорите на Индија да ја модернизира својата флота, која моментално се базира главно на руски и поранешни советски авиони. Првото уривање на Тејас се случи минатата година за време на воена вежба во Индија.
Несреќата се случи на последниот ден од најголемиот аеромитинг на Блискиот Исток, кој се одржува од понеделникот.
















