ПРВ.мк
Црна Хроника

Страшна трагедија: Брат и сестра пронајдени мртви во автомобил, таткото уапсен

Страшна трагедија: Брат и сестра пронајдени мртви во автомобил, таткото уапсен

Голема трагедија ја потресе јавноста на Кипар, откако две бугарски деца, брат и сестра на возраст од 8 и 10 години, беа пронајдени без знаци на живот во паркиран автомобил во селото Ксилофагу, во округот Фамагуста. Децата неодамна пристигнале од Бугарија за да го поминат летниот распуст со својот татко, кој живее на островот.

Според првичните информации од истрагата, таткото и неговата партнерка во саботата наутро заминале на работа, додека децата останале дома. Се претпоставува дека тие влегле во паркираниот автомобил во близина на семејната куќа и, од засега непознати причини, останале заклучени во него со часови додека надворешните температури биле екстремно високи.

Трагедијата била откриена околу 18 часот, кога сосед ги забележал децата во возилото и веднаш ја известил полицијата. На местото брзо пристигнале полициски и медицински екипи, но лекарите само ја констатирале смртта. Првичните наоди укажуваат дека децата починале од комбинација на топлотен удар и задушување, а конечната причина ќе биде утврдена по обдукцијата.

Полицијата го уапси таткото на децата и неговата партнерка под сомнение за кривична небрежност што резултирала со смрт. Во тек е детална истрага за да се утврдат сите околности што довеле до оваа трагедија, која длабоко ја потресе локалната заедница и повторно ја отвори темата за опасностите од оставање деца во затворени возила, особено за време на летните горештини.