Скопје денеска беше обвиено со густ црн чад кој се гледаше од секој агол на градот. Причината е пожар во приватна фирма во Визбегово, каде што се складирани десетици стари и хаварисани автомобили. Според првичните информации, огнот избувнал поради запалена машина за сечење железо.
Пожарникарите повеќе од пет часа воделе жестока битка со пламените јазици, а ситуацијата конечно е ставена под контрола. Иако огнот не може да се прошири кон други објекти, силниот ветер останува најголем проблем. Неколку пожарникари поради вдишување чад добиле итна медицинска помош и кислород, но за среќа никој не завршил на Токсикологија.
Интервенција од воздух не беше можна – хеликоптерите беа спречени од густата чадна маса и близината на високонапонски далеководи. Инспекторите за животна средина веќе извршиле првичен надзор, но вистинската слика за штетата и загадувањето ќе биде позната утре, кога пожарот целосно ќе се ликвидира.
Интересно е што сопственикот на оваа фирма е ист со оној чиј склад од спротивната страна на улицата изгоре минатата година, кога дозволата за работа му била истечена. Сега, пак, фирмата имала важечка дозвола.
Случајот е пријавен кај јавниот обвинител, кој ќе треба да утврди како дошло до палењето. Дежурните екипи на противпожарната бригада остануваат на терен до целосно гаснење.







