Во боливискиот град Санта Круз беше пронајдено тело на 43-годишниот Дејанче Лазаревски, познат под прекарот „Македонец“, чиј живот заврши во една од најбруталните ликвидации поврзани со балканските наркокланови. Неговото тело било откриено во кујната на изнајмена куќа, завиткано во црна вреќа, а кај него полицијата пронашла бугарски пасош.
Заедно со него, во истата куќа во саботата биле пронајдени уште две жртви: 33-годишниот Марко Скербец од Риека, Хрватска, и 38-годишниот Миљан Ѓекиќ од Ниш, Србија. Случајот го објави порталот 4NEWS.mk, а истрагата во Боливија укажува дека станува збор за пресметка меѓу кавчанскиот и шкаљарскиот клан – ривалски групи кои со години водат крвава војна за контрола врз трговијата со кокаин.
Хрватските медиуми пренесуваат дека Скербец бил пријавен како исчезнат уште на 8 август, откако престанал да се јавува на своето семејство. „Јутарњи лист“ пишува дека тој користел повеќе лажни идентитети и со години живеел во Боливија. Боливиските истражители посочуваат дека тој бил една од клучните фигури на кавчанскиот клан.
Словенечките обвинителни документи откриваат дека Скербец, познат под прекарот „Coco“ на шифрираната апликација Sky, се смета за еден од водачите на групата. Доказите против него вклучуваат снимени разговори, следење, фотографии од дрога и мапи на маршрути за шверц кои опфаќале Шпанија, Италија, Германија, Словенија и Хрватска.
Ликвидацијата во Санта Круз е само последен во низата крвави инциденти што произлегуваат од балканската нарко-војна. Судирот меѓу кавчанскиот и шкаљарскиот клан одамна ги надмина границите на регионот и се прошири на Јужна Америка, каде што контролата врз пазарот на кокаин стана прашање на живот или смрт за припадниците на овие мрежи.