Полицијата во Велес извршила службен разговор со 37-годишен жител на селото Долно Караслари поради пожар што настанал при работа на нива во атарот на Караслари.
Според информациите од МВР, лицето работело со циркулар, при што дошло до искрење кое предизвикало пожар. Огнот брзо се проширил и зафатил овоштарник и пчелни сандаци во сопственост на 45-годишен велешанец.
За среќа, во инцидентот нема повредени лица. Пожарот бил локализиран и изгаснат од екипа на Територијалната противпожарна единица Велес.
На местото бил извршен увид од полициска екипа, а за случајот бил известен и јавен обвинител. По целосното документирање на настанот, против 37-годишникот ќе биде поднесена соодветна пријава.
Надлежните повторно апелираат до граѓаните на внимателност при користење алати и машини на отворен простор, особено во период на високи температури и сува вегетација, кога ризикот од пожари е значително зголемен.







