Двајца возачи на товарни возила се приведени откако биле затекнати како се движат во спротивен правец на патот Гостивар–Тетово, со што сериозно ја загрозиле безбедноста на останатите учесници во сообраќајот.
Првиот случај бил регистриран на 27 јуни околу 11:30 часот, кога полициски службеници го лишиле од слобода 30-годишниот В.М. од Боговиње. Тој управувал товарно возило „Мерцедес“ со тетовски регистарски ознаки и се движел спротивно од дозволената насока.
Само еден час подоцна, околу 12:30 часот, кај наплатната рампа Тетово, полицијата привела уште еден возач. Станува збор за 55-годишниот М.Д. од селото Фалише, кој со товарно возило „Фолксваген“, исто така со тетовски таблички, возел во спротивен правец.
Двајцата возачи биле задржани во полициска станица, а по целосното документирање на случаите против нив ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Од полицијата апелираат до возачите строго да ги почитуваат сообраќајните правила, бидејќи ваквите прекршоци можат да предизвикаат тешки сообраќајни несреќи со сериозни последици.






