Тензиите во Демократска Република Конго дополнително ескалираа откако центар за лекување на Ебола беше запален од локални жители, а дел од пациентите исчезнаа. Инцидентот се случил во источниот дел на земјата, каде што веќе има нов бран на заразата.
Според информациите, група револтирани млади лица упаднала во привремени објекти поставени со поддршка на Лекари без граници во болницата во Монгвалу. Во моментот на нападот, таму биле сместени 28 лица со сомневање за инфекција, а најмалку 13 од нив избегале, додека за останатите нема точни информации.
Медицинскиот директор на установата, Ричард Локуди, изјавил дека започната е истрага за пронаоѓање на исчезнатите пациенти и идентификување на напаѓачите. Постојат сомневања дека дел од пациентите се кријат меѓу локалното население, што претставува сериозен ризик за понатамошно ширење на вирусот.
Ова е втор ваков напад во рок од една недела. Претходно бил запален уште еден центар во блискиот град Рвампара, поради незадоволство кај роднини на починат пациент.
Експертите предупредуваат дека недовербата, стравот и дезинформациите ја отежнуваат борбата против епидемијата. Дополнителен проблем претставуваат традиционалните погребни практики, кои можат да го забрзаат ширењето на заразата.
Според последните податоци, во земјата се регистрирани стотици сомнителни случаи, додека заразата веќе е потврдена и во Уганда, што ја зголемува загриженоста на здравствените власти.







