Грчкиот град Пиреја е потресен од трагедија во која животот го загубија 28-годишен адвокат и неговата 24-годишна девојка. Двајцата биле пронајдени без знаци на живот во автомобил паркиран во затворената гаража на семејната куќа.
Според првичните информации, таткото на младиот адвокат решил да провери што се случува откако неговиот син не одговарал на телефонските повици. Кога ја отворил гаражата, ги затекнал двајцата во возилото и веднаш повикал итна медицинска помош, но лекарите можеле само да ја констатираат смртта.
Соседите изјавиле дека слушнале очајни крици од родителите, а сцените што следувале го потресле целото маало.
Првичната истрага укажува дека автомобилот бил со вклучен мотор, додека гаражата била затворена. Истражителите ја разгледуваат можноста издувните гасови да навлегле во внатрешноста на возилото преку системот за климатизација, поради што младата двојка ја изгубила свеста.
На телата не биле забележани траги на насилство или повреди, а точната причина за смртта ќе биде утврдена по обдукцијата. Полицијата продолжува со истрагата за целосно да ги разјасни околностите на оваа трагедија.
Починатиот адвокат бил член на Адвокатската комора во Атина и активно играл фудбал за клуб составен од адвокати, каде бил ценет од колегите поради својот карактер и тимски дух.









