Силно невреме проследено со интензивни врнежи, грмежи и удари на гром предизвика сериозни проблеми во јужните делови на Германија. Најтешка била ситуацијата во градот Раштат, каде гром удрил во спортски терен на кој во тој момент се одржувал детски камп.
Во инцидентот биле повредени девет лица, меѓу кои едно 13-годишно дете и осум возрасни. Според првичните информации, едно лице се здобило со потешки повреди, но неговиот живот не е загрозен. Останатите поминале со полесни повреди и дел од нив биле пренесени во болница за дополнителни прегледи.
Невремето предизвикало хаос и на други локации. Поради опасните временски услови бил прекинат и популарниот музички фестивал „Southside“, а организаторите биле принудени да ги откажат дел од планираните настапи.
Поројните дождови и силниот ветер уривале дрвја врз автомобили, патишта и железнички линии, додека во повеќе населени места имало прекини во снабдувањето со електрична енергија. Пожарникарските и спасувачките екипи интервенирале на десетици локации за отстранување на последиците од невремето.
И покрај материјалната штета и бројните интервенции, засега нема информации за други потешко повредени лица.







