Полицијата го пронајде 19-годишниот возач кој вчера удри во тригодишно девојче во скопското село Визбегово, а потоа го напушти местото на сообраќајната несреќа.
Несреќата се случила на 19 јуни околу 19 часот, кога патничко возило удрило во детски велосипед управуван од тригодишно девојче од Скопје. Во несреќата девојчето се здобило со тешки телесни повреди, кои биле констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“.
По пријавувањето на случајот, СВР Скопје презеде интензивни мерки за пронаоѓање на возачот и возилото.
Од МВР информираат дека денеска полициски службеници од Одделението за увид на сообраќајни незгоди го пронашле возилото и го идентификувале возачот. Станува збор за автомобил „Фолксваген Голф“ со скопски регистарски таблички, управуван од Џ.Б. (19) од скопското село Добрино.
Над возилото е извршен преглед и фотографирање, а со 19-годишникот е извршен службен разговор. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.









