Шеесет и четиригодишен жител на тетовското село Голема Речица пријавил во полиција дека непознато лице ја злоупотребило неговата платежна картичка и со неа платило гориво во Италија.
Според пријавата, картичката била наменета за плаќање патарини и точење гориво низ Европа. Оштетениот добил известување дека на 28 јуни, во 20:49 часот, на бензинска станица во Италија била направена трансакција од 886 евра за дизел.
Мажот тврдел дека во моментот кога била извршена наплатата воопшто не се наоѓал во Италија, поради што случајот го пријавил во Одделението за криминалистичка полиција во Тетово.
Од полицијата информираат дека се преземаат мерки за утврдување на идентитетот на сторителот и за целосно расчистување на злоупотребата на платежната картичка.








