Македонската културна јавност остана без уште едно значајно актерско име. На 73-годишна возраст почина долгогодишната актерка и една од основачите на Струмичкиот театар „Антон Панов“, која зад себе остави богата кариера и неизбришлив белег во македонското глумиште.
Нејзиниот прв настап на сцената бил на само 16-годишна возраст, во претставата „Бегалка“, по што започнала актерска кариера долга 55 години. Во текот на својот професионален пат одиграла повеќе од 100 улоги во бројни театарски претстави, меѓу кои „Галеб“, „Стаклена менажерија“, „Ромео и Јулија“, „Магбет“, „Лет во место“, „Печалбари“ и „Женидба“.
И по пензионирањето во 2005 година останала активна на сцената, продолжувајќи да придонесува за развојот на театарската уметност. Во 2019 година го прослави 50-годишниот актерски јубилеј, а во 2024 година одбележа 55 години посветени на актерската професија.
Покрај бројните театарски улоги, свој печат остави и во телевизиските серии, ТВ-проектите и домашната филмска продукција.
Од Струмичкиот театар „Антон Панов“ се простија од својата колешка, истакнувајќи дека таа била не само врвна актерка, туку и голем човек, кој несебично го пренесувал своето искуство и знаење на помладите генерации.
Погребот ќе се одржи утре во 12:00 часот на градските гробишта во Струмица, а посмртните останки ќе бидат изложени во градската капела од 11:00 часот.








