Седум лица, меѓу кои и две деца, се повредени во тешка сообраќајна несреќа што се случила на патниот правец Прилеп – Битола, во која учествувале три патнички возила.
Како што информира Министерството за внатрешни работи, несреќата била пријавена на 21 јуни околу 15:45 часот во ОВР Прилеп.
Според првичните информации, во судирот учествувале „тојота“ со битолски регистарски ознаки, управувана од 24-годишен возач од село Мусинци, „сеат“ со кавадаречки регистарски таблички, зад чиј волан била 54-годишна жена од Битола, како и „мазда“ со скопски регистарски ознаки, управувана од 51-годишен скопјанец.
Во несреќата најтешко настрадала возачката на „сеатот“, која се здобила со тешки телесни повреди. Полесно биле повредени тројца нејзини сопатници, на возраст од 37 и 40 години, како и две малолетни деца, сите од кавадаречкиот регион.
Со телесни повреди се здобиле и двајцата возачи на останатите возила. На сите повредени им била укажана медицинска помош, а повредите биле констатирани во Градската болница во Прилеп.
Увид на местото на несреќата извршила екипа од Одделението за внатрешни работи Прилеп, која работи на утврдување на причините и околностите што довеле до судирот.






