Група од 19 тинејџери од Австрија побарале медицинска помош откако почувствувале сериозни последици од високите температури за време на престој во италијанското туристичко место Лињано Сабијадоро.
Според локалните медиуми, младите на возраст од 15 и 16 години веднаш по пристигнувањето заминале на плажа, каде што поминале повеќе часови изложени на силно сонце. Недоволната заштита и недоволниот внес на течности довеле до симптоми на топлотен удар кај поголем дел од групата.
Најтешко погодени биле деветмина тинејџери, кои поради висока телесна температура и влошена здравствена состојба биле пренесени во медицинска установа. Останатите добиле помош на лице место и по краток третман се вратиле во своето сместување.
Во меѓувреме, Италија се соочува со силен топлотен бран кој зафати голем дел од земјата. Во одредени региони температурите се и до 10 степени повисоки од вообичаените за овој период од годината.
Поради екстремните временски услови, италијанските власти издадоа највисоко ниво на предупредување за повеќе градови, а граѓаните и туристите се повикани да избегнуваат престој на отворено во најтоплиот дел од денот, да внесуваат доволно течности и да се заштитуваат од сонцето.
Метеоролозите предупредуваат дека жешкиот бран ќе продолжи и во наредните денови.








