Истрагата за убиството што пред два дена се случи во центарот на Барселона доби неочекуван пресврт откако шпанските медиуми објавија дека жртвата е роден брат на позната ирска спортска ѕвезда.
Станува збор за 36-годишен маж од Даблин, чиј идентитет засега не се објавува поради заштита на семејството. Според шпанските медиуми, истражителите проверуваат дали тој бил поврзан со балканските криминални кланови и меѓународната трговија со дрога.
Една од главните насоки на истрагата е можната поврзаност на жртвата со „шкаљарскиот“ или „кавачкиот“ клан. Каталонската полиција истражува дали убиениот имал улога во криминални активности поврзани со шверц на наркотици, имајќи ја предвид долгогодишната соработка меѓу ирските криминални групи и балканските картели.
Убиството се случило во средата околу 10 часот наутро во центарот на Барселона. Според досегашните информации, напаѓачот му пришол на жртвата одзади и испукал куршуми во неговата глава пред бројни сведоци, по што избегал.
Набрзо по злосторството, полицијата пронашла пиштол, велосипедска кацига и мобилен телефон за кои се сомнева дека му припаѓале на напаѓачот.
Истражителите сметаат дека начинот на кој е извршена ликвидацијата укажува на професионално и однапред испланирано убиство. Според шпанските медиуми, случајот се поврзува и со неодамнешната ликвидација на Марио Ѓоловиќ од Белград, кој беше убиен на сличен начин во Барселона, што дополнително ги засилува сомнежите дека станува збор за продолжение на пресметките меѓу балканските криминални кланови.






