Најмалку 15 лица го загубија животот откако туристички брод со индиски туристи се превртел во близина на островот Хон Мај Рут Нгоаи во јужниот дел на Виетнам, јавуваат светските медиуми.
Според локалните власти, на пловилото се наоѓале 32 индиски државјани и четворица членови на екипажот. Несреќата се случила на околу 400 метри од островот, кога бродот бил зафатен од силни ветрови и високи бранови, по што се превртел.
Веднаш по несреќата започнала обемна спасувачка акција, во која се вклучиле неколку туристички бродови што се наоѓале во близина на местото на трагедијата. Спасувачите успеале да извлечат повеќе патници кои останале заробени во превртениот брод, а досега се спасени 21 лице.
Надлежните служби продолжуваат со потрагата по исчезнатите и работат на утврдување на конечниот број на загинати и преживеани.
Индиската амбасада во Виетнам ја потврди трагедијата и објави список со 32 индиски државјани кои се наоѓале на туристичкиот брод, истовремено обезбедувајќи поддршка за семејствата на настраданите.
Островот Хон Мај Рут Нгоаи, сместен во архипелагот Ан Тои во Тајландскиот Залив, важи за една од најпосетуваните туристички дестинации во Виетнам, позната по своите плажи и кристално чистото море, а секоја година привлекува голем број домашни и странски туристи.









