Малолетник од скопската населба Сарај е лишен од слобода откако, според информациите на Министерството за внатрешни работи, со остар предмет тешко повредил друг малолетник по претходна расправија.
Од МВР информираат дека случајот бил пријавен на 11 јули 2026 година во СВР Скопје. Според пријавата, околу 15:00 часот пред угостителски објект во селото Сарај, по претходна расправија, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка меѓу 14-годишник и друг малолетник.
По кратко време, пред продажен објект, 14-годишното момче повторно се сретнало со 16-годишен малолетник, кој, според МВР, го нападнал со остар предмет и му нанел тешка телесна повреда. Во обид да се одбрани, 14-годишникот возвратил со тврд предмет, при што му нанел повреда на напаѓачот.
Полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода 16-годишниот малолетник на 12 јули околу 01:35 часот. Со него бил извршен службен разговор во полициска станица во присуство на родител и адвокат.
Од МВР соопштија дека по целосното документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.







