Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, порача дека не очекува Европската Унија во блиска иднина да донесе одлуки за ново проширување, оценувајќи дека ниту една држава од Западен Балкан не треба да смета на брзо членство.
Говорејќи на конференцијата на претседателите на парламентите на земјите кандидати за членство во ЕУ, Вучиќ изјави дека иако претходно бил сметан за песимист, денес се покажува дека неговите проценки биле реални.
„Не мислам дека Европската Унија во следните неколку години ќе може да носи одлуки за проширување. Тоа, сепак, не значи дека треба да запреме со реформите или да се откажеме од европскиот пат“, истакна српскиот претседател.
Тој нагласи дека земјите од Западен Балкан сè уште не ја искористиле доволно можноста за меѓусебна соработка и посочи дека регионот и понатаму се соочува со бројни бариери кога станува збор за слободното движење на луѓе, стоки, капитал и услуги.
Вучиќ оцени дека Србија, Северна Македонија и Босна и Херцеговина треба да напредуваат заедно кон европското семејство, додавајќи дека нема логика една држава да стане членка, а останатите да останат надвор од Унијата.
Според него, иако земјите од регионот долго време биле дел од заедничка држава и имаат силни економски и историски врски, последиците од конфликтите од деведесеттите години и натаму влијаат врз односите меѓу нив.
На крајот, српскиот претседател повика на продлабочување на регионалната соработка и продолжување на реформските процеси, нагласувајќи дека тоа е најдобриот начин државите од Западен Балкан да останат на европскиот пат, без оглед на тоа кога ќе дојде следното проширување на Европската Унија.








