Во Белград избувна физичка пресметка пред парламентот откако полицијата повторно ги блокираше пратениците од опозицијата кои се обидуваа да влезат во зградата. Инцидентот се случи пред шаторската населба позната како „Чациленд“, каде пратениците се обидоа да поминат повикувајќи се на вчерашното ветување на претседателката на парламентот, Ана Брнабиќ, дека ќе им биде дозволено тоа.
Ескалацијата настанала кога претставници на Националното движење на Србија и на Зелено-левичарскиот фронт се обиделе да отстранат шатор поставен пред влезот, по што биле нападнати од луѓе од протестниот камп и полицијата.
Ова е втор ден по ред со инциденти на влезот во парламентот. Вчера полицијата се судри со пратеници од партијата Србија центар (Срце), кои исто така се обиделе да влезат преку Чациленд.
По инцидентот, опозициските пратеници на средба со претседателката на парламентот побараа оградата околу шаторската населба да се помести за да имаат непречен пристап до своите работни места.
Српскиот претседател Александар Вучиќ најави иницијатива „во врска со шаторите“, сугерирајќи дека кампот наскоро би можел да биде отстранет.
















