Поранешниот косовски претседател Хашим Тачи денеска беше осуден на 25 години затвор во првостепената постапка пред Специјализираните совети на Косово во Хаг, откако судскиот совет го прогласи за виновен за воени злосторства.
Посебно внимание привлече неговата реакција во судницата. Тачи стоеше во тишина додека беше соопштувана пресудата, а по нејзиното изрекување кратко се насмевна и седна, како што се гледа на снимката објавена од судницата.
Судот утврди кривична одговорност на Тачи и останатите тројца обвинети за незаконско и произволно притворање на 385 лица, сурово постапување кон 49, тортура врз 303 и убиство на 96 лица.
Покрај Тачи, Јакуп Красниќи е осуден на 25 години затвор, Кадри Весели на 18, а Реџеп Сељими на 13 години. Во казните ќе им биде пресметано времето што веќе го поминале во притвор.
Судскиот совет истовремено ги ослободи обвинетите од обвиненијата за злосторства против човештвото, бидејќи обвинителството, според судот, не успеало надвор од разумно сомнение да докаже дека постоел широк или систематски напад насочен против цивилното население. Тие беа ослободени и во однос на одредени конкретни инциденти опфатени со обвинението.
Тачи ги негира обвиненијата. Пресудата е првостепена и може да биде обжалена.
Тачи беше претседател на Косово од 2016 до 2020 година, а претходно ја извршуваше функцијата премиер. Тој беше и една од најистакнатите фигури на ОВК за време на конфликтот во Косово. Судењето започна во април 2023 година, а доказната постапка беше затворена во декември 2025 година.
Видео:








